Реалистичниот дигитален двојник на супермоделот е создаден и подготвен да ги освои световите на виртуелната и проширената реалност, додека брендовите сè повеќе ја истражуваат иднината на дигиталната мода
Агенцијата за таленти Unsigned и студиото за виртуелна продукција Dimension се здружија со супермоделот Ева Херцигова за да го создадат нејзиниот хипер-реалистичен дигитален двојник. Познатата супермоделка била скенирана со 70 камери од сите агли, опфаќајќи ги нејзините движења и лични експресии, генерирајќи податоци кои потоа тим од ликовни уметници ги искористиле за верно да ја пресоздадат како тродимензионален „мета-човек“.
Овој дигитален двојник на Ева понатаму ќе може да се пресоблекува и да позира, да ѝ се рестилизираат косата и шминката, а движењата на нејзиното тело и изразите на лицето ќе можат да се анимираат според потреба.
Ваквиот „мета-модел“ бил можел да има мноштво апликации во реално време, како што се модни ревии во вритуелна реалност, тродимензионални искуства во обичен интернет прелистувач, моделирање на дигитални парчиња облека, видео преноси во живо, онлајн игри, но и во дводимензионални видеа и фотографии.
„Процесот на раѓање на мојот мета-човек беше неверојатен, тоа навистина се чинеше како мајчинско искуство: создавање на секој аспект од мене, како мене. Мојата кожа и коски, начинот на кој се движам, се намуртувам, се насмевнувам: а во исто време сè може да се смени со притискање на копче или со влечење на глувчето, мојот поглед, насмевка, позадина, возраст – сè може да се промени и прилагоди. Мојот мета-човек може да оди на работа, да биде фотографиран и стилизиран од најневеројатните креативни умови, денес можам да бидам во Лондон, Париз, Милано и Њујорк, додека сум дома и готвам вечера со моите деца“ – го објаснува Ева Херцигова своето чувство при изведувањето на овој потфат и неговиот резултат.
Иако претходно се создадени повеќе фиктивни модели, Ева станува првиот вистински супермодел кој дебитирал како хиперреален тродимензиоанлен аватар. Нејзиниот дигитален двојник е создаден со помош на технологијата MetaHuman на Epic Games – комплетна софтверска рамка за создавање и анимирање на високо реалистични човечки ликови за употреба во игри, мода, снимање филмови или кој било проект во Unreal Engine.