Најголемиот швајцарски ланец на супермаркети Мигрос ги отстрани од своите продавници бонбоните Mohrenkopf (Moor’s Head) поради бројни критики и обвинувања дека шират расизам.
Во многу продавници на Мигрос изминатите три дена забележана е голема побарувачка на овие бонбони откако беше соопштено дека повеќе нема да го продаваат популарниот производ на швајцарската компанија Даблер.
Овој потег на Мигрос следеше по долгата интернет расправа за чоколадните бонбони, кои се појавија среде актуелниот светски бран на антирасизам по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд.
Сомнежите во врска со расистичката позадина на швајцарските чоколада ги покрена анонимен корисник на Твитер кој поттикна неколку дискусии за потеклото на името на овие бонбони и корпоративната одговорност на компанијата што ги навредува своите клиенти со продажба на Moor’s Head.
Moor’s Head се однесува на хералдичен приказ на главата, обично на лице со темна кожа, прикажано од профил со лента околу челото.
„Драги Мигрос, ве молиме отстранете го веднаш овој производ од вашата понуда. Тоа име е крајно расистичко и не соодветствува со политичката коректност “, напиша еден корисник на Твитер.
Но, многумина ја карактеризираат целата дебата како „апсолутна глупост“, велејќи дека не може сè одеднаш да биде расистичко. Некои дури истакнаа дека, без оглед на моралните импликации на името на бонбоните, целата “бура“ на Твитер е бесплатна реклама за производителот на чоколади, односно компанијата Даблер.