„Црвен се барјак развева“ e изложба која ја обработува македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници. со Свеченото отворање на изложбата ќе се одржи во Националната галерија на Република Македонија, во објектот Чифте Амам во Скопје, на 09.05.2025 година во 19:00. Автор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски, познат македонски историчар на уметност.
По повод изложбата, ќе биде печатена и книга која содржи повеќе научни текстови посветени на македонската народна борбена лирика и на македонската модерна и современа ликовна уметност. Книгата воедно е и каталог на изложбата.
„Црвен се барјак развева“ има за цел да го истакне богатото културно наследство на македонскиот народ и да ни ја доближи традицијата преку современи уметнички изрази, создавајќи простор за контекстуализација на историјата и значењето на народната борбена лирика во нашата колективна свест.
На изложбата, поред текстовите на македонските народни борбени песни ќе бидат изложени и ликовни дела на некои од најголемите македонски уметници, како Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други.
Генерален спонзор на изложбата е Комерцијална банка АД Скопје.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од многу национални институции, меѓу кои се и Националната галерија, Музејот на современата уметност, Музејот на Македонија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, како и музеи од други градови на Македонија вклучувајќи ги и тие во: Охрид, Битола, Кичево, Неготино и Куманово.