По повод 100-годишнината од основањето на Disney, австрискиот производител на накит Swarovski се здружи со американската медиска компанија со цел создавање на вистинска кристална обувка достојна за Пепелашка.
Дизајнот на обувката е базиран врз онаа што може да се види во играниот филм Cinderella од 2015 година, а за нејзината рачна изработка биле потребни вештините на осум специјалисти и околу 150 часа работа во седиштето на Swarovski во австриските Алпи.
Уникатната кристална обувка ќе оди на продажба, а собраните средства ќе бидат донирани на фондацијата Make-A-Wish, која помага во исполнувањето желби на деца со критични болести.
„Она што ме инспирираше да ја рекреирам иконичната кристална обувка на Пепелашка за 100-годишниот јубилеј на Дизни е името на добротворната организација и идејата на желба. Секако, се работи за најпознатата обувка во светот. Таа е трансформативна и полна со магија, па затоа беше совршен начин да се обедини светот на Swarovski со светот на Disney“ – објаснува Џована Енгелберт, глобална креативна директорка на Swarovski и иницијатор на проектот.
Брендот на накит исто така ќе лансира специјална колекција на кристални фигурини од познати ликови од светот на Disney, како што се Мики и Мини Маус и Пајо Паторот.