Швајцарскиот часовничарски бренд Swatch и Музејот на модерна уметност (MoMA) од Њујорк лансираат заедничка колекција на часовници чиј дизајн е инспириран од некои од најпознатите уметнички дела кои се чуваат во музејот.
Колекцијата вклучува шест часовници создадени врз основа на сликите: „Ѕвездена ноќ“ од Винсент Ван Гог; „Надеж II“ од Густав Климт, „Сонот“ од Анри Русо; „Композиција во овал со обоени полиња 1“ од Пјет Мондријан; „Градот и дизајнот, Чудата на животот на Земјата, Исаму Курита“ и „Њујорк“ од Таданори Јокоу.
„Ние сме горди што ја продолжуваме соработката на MoMA со Swatch преку оваа нова колекција на часовници инспирирани од уметнички дела од збирката на музејот. Посветеноста на MoMA кон добриот дизајн како дел од секојдневниот живот е опредметена преку часовниците на Swatch,“ истакнува Робин Сајета, помошник-директорка за деловен развој на MoMA по повод новата колекција.
Овие часовници ќе служат како виртуелно продолжение на MoMA, претворајќи бесценети уметнички дела во секојдневни предмети на кои ќе можете да им се воодушевувате во секој момент.
Лимитираната колекција ќе биде достапна за купување глобално преку продавниците на MoMA и Swatch, почнувајќи од 4 март 2021 година. Часовниците ќе можат да се купуваат поединечно или како колекција.
Во вториот случај, тие доаѓаат во специјална кутија инспирирани од т.н. „Blade Stair“ – скалила кои го поврзуваат „стариот“ и „новиот“ дел на музејот и претставуваат едно од неговите најпознати архитектонски обележја.