Во обид да даде свој придонес кој спасот на планетата, американскиот ланец за брза храна Taco Bell лансираше нова пилот програма со која го охрабрува своите франови да им ги вратат искористените ќесички со сосови, со цел да ги рециклираат.
Од компанијата посочуваат дека годишно, повеќе од осум милијарди нивни ќесички сосови се фрлаат на американските депонии. Па, според Taco Bell, време е да се промени сето тоа.
Компанијата им овозможува на фановите да регистрираат свој профил во програмата, да ги собираат своите искористени ќесички, да ги складираат во кутија и да им ги испратат назад преку пошта. За тоа фановите ќе собираат поени, кои потоа во форма на пари ќе можат да ги донираат до некоја добротворна фондација или училиште по избор.
Програмата е остварена во партнерство со компанијата за рециклирање TerraCycle, при што ќе се прифаќаат само ќесички од Taco Bell, но не и од другите брендови за брза храна. Тие треба да си направат сопствена ваква програма.
Фановите се замолуваат да ги испраќаат своите кутии само кога ги имаат целосно наполнето со ќесички, кои пак треба да бидат колку што е можно поиспразнети од сосот, со цел да не се контаминира останатиот материјал за рециклирање.
Но, Taco Bell не застанува тука. До 2025 година, компанијата планира сите свои пакувања да можат да бидат рециклирани, компостирани или повторно употребувани.