Гугл е првата компанија која ќе се огласува на најголемиот и најскапиот дигитален билборд на Тајм Сквер во Њујорк!
(СВЕТ) – На „Times Square“ во „Големото јаболко“ завчера беше инсталиран најскапиот дигитален билборд во светот. Објектот е висок колку осумкатна зграда, долг е речиси колку фудбалско игралиште, а дисплејот му е составен од близу 24 милиони LED пиксели.
За да го резервираат за еден месец, компаниите треба да имаат неверојатни 2.5 милиони долари.
Во првите денови од неговиот живот, тој ќе покажува слики од природата, а од 24-ти ноември е на располагање на пребарувачот „Google“, која е првата компанија што ќе се рекламира на овој билборд.
„Големината има значење на „Times Square““, истакнуваат од „Clear Channel Outdoor New York“, компанијата која го продава објектот.
Се проценува дека околу 300.000 пешаци ќе поминуваат покрај него секој ден, а неговото вклучување беше забележано од стотици туристи.
Новиот симбол на најпознатиот плоштад во Њујорк виси на хотел „Marriott Marquis“.