Македонската компанија ТДК компјутери ќе го прошири својот бизнис во Албанија и Косово.
“Големо е задоволство што го прошируваме нашиот бизнис во регионот. Со отварање на новите пазари, уште еднаш докажуваме дека сме сериозна фирма, која има поддршка од најголемите ИТ производители во светот. Имаме намера во иднина да ја одржиме водечката позиција и да ги нудиме најдобрите продукти на своите клиенти” – Јордан Димитровски, директор на ТДК Компјутери.
Оваа ИТ компанија, која најави експанзија во регионот, исто така го унапреди своето партнерство и стана прв официјален и единствен дистрибутер на Dell за Македонија, Албанија и Косово.
„ТДК Компјутери е наш долгогодишен партнер кој секогаш го докажува својот професионализам. Сигурни сме дека со изборот на ТДК за наш официјален дистрибутер за Македонија, Албанија и Косово, ќе го развиеме бизнисот и ќе им понудиме подобри сервиси и услуги на нашите партнери“ – Аурора Гамен, менаџер за дистрибуција во Dell.
На минатонеделниот бизнис настан во хотелот „Инекс Горица“, Охрид, покрај тимот од компанијата Dell, присуствуваа и голем број од постоечките и идни партнери на ТДК, од Македонија и регионот. Специјалистите од Dell и ТДК ги претставија последните новини од светот на ИТ технологиите, производите на Dell и нивната практична примена.