Британскиот ланец на супермаркети Tesco ја лансираше својата нова Божиќна кампања насловена “The Christmas Party” („Божиќна забава“), со која на потрошувачите им ветува Божиќна радост по ефтини цени достапни за сите.
Имено, во условите на политичка и економска нестабилност кои преовладуваат во Обединетото Кралство веќе неколку месеци, брендот Tesco се позиционира како пријател на луѓето и фактор којшто ја внесува толку потребната потрошувачка сигурност во пресрет на Божиќните празници. Односно, кога многумина се прашуваат дали финансиски ќе можат да си дозволат соодветна прослава на празниците, Tesco ветува „Божиќна забава“ за сите!
„Разбираме дека се наоѓаме во тешко време кога сите се соочуваат со финансиски притисок, но знаеме и дека луѓето со нетрпение го очекуваат Божиќ – всушност, нашето истражување покажува дека околу него има уште поголема возбуда од вообичаеното. Преку нашата кампања, ги разгледуваме оние моменти за време на празничниот период кои што нé обединуваат сите нас – вклучувајќи го задоволството на јадење вкусни десерти, седењето околу маса заедно со саканите, филмските вечери во нашите пижами, па дури и неизбежната конфузија околу собирањето на ѓубрето – да ставиме насмевка на лицата на луѓето додека се подготвуваме за сезона на значајни прослави“ – вели Алесандра Белини, генерална директорка за потрошувачи во Tesco.
Кампањата била инспирирана од истражување на агенцијата Opinium со анкетирање на 2.000 возрасни лица, сугерирајќи дека 36% од испитаниците веруваат да се има радосен Божиќ оваа година е поважно од кога било.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција BBH и продукциската куќа MJZ Production.