Брендот на електрични автомобили Tesla веќе долги години одбиваше да се служи со алатките на адвертајзингот. Меѓутоа, сето тоа наскоро може да се промени, откако на последното годишно собрание на компанијата одржано минатата недела бил претставен план за лансирање на нивната прва огласувачка кампања.
Во интервју дадено за CNBC, генералниот директор и сопственик на Tesla, Елон Маск, сподели дека компанијата ќе започне да ги користи традиционалните медиуми за да ги истакне достапноста, безбедноста и високотехнолошките карактеристики на нивните возила. Иако во моментот немало „целосно оформена стратегија“, Маск посочи дека рекламите на Тесла ќе бидат „информативни“ и „естетски пријатни.”
Во контекст на сето тоа, официјалниот Твитер профил на компанијата за азискиот пазар, Tesla Asia, го објави она што веројатно би можело да биде првата реклама на брендот воопшто. Во видеоспотот, клиент од Сингапур го раскажува своето лично „реално“ искуство со автомобилот.
Drive to believe——why she chose Tesla? ❤️ pic.twitter.com/LXtGl15QUy
— Tesla Asia (@Tesla_Asia) May 19, 2023
Според првичните реакции, рекламата е добро прифатена од страна на јавноста. Би можеле да претпоставиме дека наскоро ќе се појават и други слични реклами наменети за останатите светски пазари.