Според Светскиот економски форум, доколку продолжи сегашниот тренд, жените ќе треба да чекаат 208 години, односно до 2227 година, за да се изедначат во своите плати со мажите.
Финансиската компанија Citi стана првата американска банка која јавно и без интервенции ги објави „сировите“ податоци за родовата нееднаквост во сопствените плати. Имено, бројките открија дека иако жените го сочинуваат мнозинството на вработени во компанијата, тие заработуваат 29% помалку пари од мажите и дека само 37% од вкупниот број вработани жени се наоѓаат на сениорски позиции во компаниската хиерархија.
Со овие информации, Citi се заложи дека ќе се потруди да ја поправи ситуацијата во сопствените редови, но истовремено дека ќе потткнува и поширока дискусија за надминување на оваа нееднаквост.
Со таа цел, компанијата оваа есен ја лансираше кампањата “The Moment”, во соработка со агенцијата Publicis New York.
Кампањата е изградена околу централен видео спот кој ги претставува тажните и разочарани лица на млади девојчиња кога ќе им се каже дека жените добиваат помалку плата од мажите. Нивните први реакции при соочувањето со оваа направедна вистина е молк и збунетост, по што следуваат коментари на вознемиреност.
Покрај видеото, кампањата опфаќа и билборди поставени на фреквентни локации во Њујорк, кои ги поттикнувале случајните минувачи да ја посетат официјалната веб-страница, да го гледаат видеото и да се приклучат на кампањата.