Кинеската социјална мрежа TikTok наводно ги собирала MAC адресите на корисниците на Андроид без нивно одобрување, пренесуваат од Вол Стрит Журнал и Бизнис Инсајдер.
MAC адресата е уникатен дигитален идентификатор за сите уреди кој не може да се ресетира, овозможувајќи им на TikTok и нејзината матична компанија БајтДенс да ги следат уредите на корисниците дури и тие да ги променат своите нагодувања за приватност.
Собирањето на MAC адресите од страна на TikTok траело најмалку 15 месеци, но било прекинато со нова верзија на апликација во ноември минатата година.
Во секој случај, собрањето на MAC адреси е забрането според правилата на Google уште од 2015 година и секоја апликација која го прави тоа добива забрана да биде дел од Play Store. Меѓутоа, TikTok успеале да го заобиколат тоа правило преку искористувањето на „баг“ за сокривање на своите траги со „атипичен дополнителен слој на енкрипција“.
Од Google посочиле дека „ги истражуваат ваквите тврдења“, додека пак од TikTok истакнале дека тие се посветени кон заштитата и безбедноста на корисниците, тековно ажурирајќи ја својата апликација со новите безбедносни предизвици кои еволуираат.
Веста доаѓа во време кога американските власти донесоа наредба со која на американските компании им се забранува да имаат деловна соработка со TikTok, единствено оставајќи простор до септември апликацијата да биде купена од американска компанија пред таа да биде целосно забранета.