Социјалната мрежа ТикТок полека, но сигурно зазема сè поголем дел од дигиталниот простор. Платформата веќе претставува сериозна закана за подолго етаблираните “играчи” во пазарот на социјални медиуми, а сега ТикТок, според најновите најави, го насочува своето внимание и кон музиката.
Во медиумите се рашири веста дека матичната компанија на ТикТок, БајтДенс, неодамна поднела барање до Американската дирекција за патенти и трговски марки за регистрација на трговска марка под името “TikTok Music”. Се шпекулира дека може да се работи за нов сервис кој на корисниците ќе им овозможи да слушаат, купуваат, споделуваат и симнуваат музика.
ТикТок веќе се смета за еден од главните канали преку кој припадниците на младата Генерација З откриваат музика, благодарение на песни кои стануваат вирални на платформата од 1 милијарда корисници ширум светот. Всушност, неодамнешно истражување покажало дека 175 песни кои “трендирале” на платформата евентуално завршиле на Билборд топ 100 листата.
Матичната компанија БајтДенс веќе раководи со еден стриминг сервис под името Resso на пазарите во Индија, Бразил и Индонезија. Лансирањето на TikTok Music можеби ќе значи нивно поврзување во еден систем кој на корисниците ќе им дозволува да откриваат нова музика на ТикТок, а потоа да ја слушаат преку новиот музички сервис.
Доколку најавената трговска марка навистина е наменета за музичка платформа во стилот на Spotify и Apple Music, тогаш наскоро ТокТок би можел да овозможи и стримување на подкасти, радио содржини, аудио и видео во живо и слично.