Магазинот TIME повторно ги именуваше 100-те компании кои активно го обликуваат општеството, начинот на живеење и размислување. Се работи за годишна традиција која ги истакнува оние компании кои имаат исклучително влијание во сферите на технологијата, здравството, забавата и много повеќе, ширум светот.
Компаниите кои се најдоа на листата на TIME се поделени во пет категории: Пионери, Титани, Лидери, Иноватори и Нарушувачи.
Меѓу „пионерите“ се наоѓаат помалку познати компании како Kaling International, OpenSea, Astroscale и други, додека пак меѓу „титаните“ се добро познатите Amazon, Apple, Meta, Pfizer, Ford итн. Во категоријата „лидери“ се наоѓаат компании како Spotify, Airbnb, Upwork, Patagonia, Balenciaga и други, а кај „иноваторите“, меѓу останатите, се и Moderna, SoFi и Grammarly. Во рамки на „нарушувачите“ се наоѓаат TikTok, AMC Entertainment Holdings, Paxful, GoTo Group и други.
Од имињата што ги нема, најмногу во очи паѓа невклучувањето на Tesla, со оглед на тоа што сопственикот Елон Маск од страна на истиот магазинт TIME беше прогласен за „Личност на годината“ за 2021.
Новото издание на TIME посветено на 100-те највлијателни компании во светот ќе биде достапно со три различни насловни страни: со музичкиот продуцент Банг Си-Хјук заедно со членовите на поп-групата BTS; со актерката Минди Калинг, која е основач на медиската компанија Kaling International; како и со Енди Џејси, наследникот на Џеф Безос како генерален извршен директор на Amazon.
Целосната листа на 100-те највлијателни компании во светот според магазинот TIME, по категории, може да се погледне на следниот линк.