Дигиталната платформа за запознавање Tinder отпочна нова иницијатива со која сака да ги поттикне младите луѓе да се насочат кон гласачките кутии во пресрет на американските средномандатни избори на 8 ноември 2022 година.
Поврзувајќи го гласањето со „пронаоѓањето на совршениот партнер за вашите граѓански права“, апликацијата ја нагласува важноста за припадниците на милениумската генерација и генерацијата „З“ да се вклучат во демократскиот процес. Меѓутоа, според едно скорешно истражување на компанијата, 63% од корисниците од 18 до 25 години изјавиле дека изборниот процес е тежок за разбирање.
Поради тоа, Tinder склучиле партнерство со организацијата BallotReady за да формираат сопствен „изборен центар“, преку кој корисниците ќе можат да пристапат кон алатки за регистрација на гласачи, да го најдат најблиското изборно место и воопшто да се запознаат со изборниот процес доколку се збунети.
Покрај исполнувањето на граѓанската должност, од компанијата посочуваат дека гласањето може да има и позитивен ефект врз љубовниот живот. Над половина (53%) од младите испитаници на апликацијата посочиле дека потенцијалниот партнер би бил поатрактивен доколку е редовен гласач. Од друга страна, пак, 47% од испитаниците изјавиле дека негласањето на партнерот би бил фактор за раскинување на врската.
Корисниците на апликацијата можат да пристапат кон „изборниот центар“ (“Election Center“) преку делот “Explore”, како и да додадат ознака “I Voted” („Јас гласав“) кон својот профил за да привлечат луѓе со слични ставови.
„Оваа нова генерација на љубовници сака да биде слушната… Многу млади поединци не се чувствуваат правилно информирани за клучните прашања во овие средномандатни избори, па затоа ние сакавме да сториме нешто во врска со тоа“ – посочува генералната маркетинг директорка на Tinder, Мелиса Хобли.