На 28 декември 2024 година (сабота) во 15 часот, во Домот на културата „Наум Наумчевски – Борче“ во Крушево, ќе биде отворена втората самостојна изложба на уметницата Бојана Тошевска со наслов „Точка, а не круг“. Настанот е замислен како патување низ нејзиниот уметнички развој, каде точката е симбол на храброст да се затвори едно поглавје и да се продолжи напред.
Бојана Тошевска е академски уметник од Битола, дипломирана на насоката за класично сликарство при Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во моментов е во процес на завршување на вториот циклус студии, каде што продолжува да го усовршува своето творештво. Како член на Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ), таа има учествувано на бројни групни изложби во Македонија и неколку интернационални уметнички настани, прикажувајќи го својот карактеристичен уметнички израз пред поширока публика.
Нејзината втора самостојна изложба „Точка, а не круг“ претставува пресек на нејзиното творештво и завршно поглавје на академскиот период во нејзината уметност. На изложбата ќе бидат претставени 20 класични слики, секоја со уникатна тематика и силна емоционална порака.
Темите на делата се длабоко поврзани со човечките емоции, природата и општеството, пренесувајќи ја љубопитноста за животот и потребата за раскажување приказни. „Точка, а не круг“ ја симболизира завршеноста на еден процес, но не како крај, туку како премин кон нови можности и перспективи.
Оваа изложба ја претставува трансформацијата на авторката од класичното кон современото, создавајќи простор за нови идеи и изрази во нејзиното идно творештво. Настанот е отворен за сите љубители на уметноста, кои ќе имаат можност да се запознаат со креативниот свет на Бојана Тошевска и нејзината инспиративна уметничка визија.