Home » Digital » Топ 4 трендови во интернет маркетингот во 2015 година

Топ 4 трендови во интернет маркетингот во 2015 година

Гостинска статија на Биљана Пешевска Јосифоска, менаџер за дигитални комуникации во Меккен Скопје.

Biljana Pesevska Josifoska

Биљана Пешевска Јосифоска

Социјалните медиуми во целост го променија не само интернет маркетингот, туку и маркетингот во целост. Нивното влијание е толку големо што речиси сите компании веќе го прифаќаат фактот дека за да бидат успешни во работењето, неопходно е да се инвестираат ресурси и да развијат дигитална стратегија која е одржлива на долг рок.

1. Цените и буџетите за огласување на Фејсбук ќе растат

Во 2014 година бевме сведоци на намалување на органскиот досег на бренд содржините на Фејсбук, што го обезвреди бројот на фанови/лајкови што еден бренд го има. Па така, доколку имате 10,000  Фејсбук фанови, содржините кои што ќе ги објавите ќе ги видат едвај 1% до 3% од нив што во апсолутни бројки значи 100-300 фанови.

Постигнувањето досег на објавените содржини во најголема мера станува зависно од висината на вложените средства во спонзорирање на тие содржини.

Како резултат на овие промени, повеќе брендови ќе инвестираат (повеќе) средства во Фејсбук огласи. Зголемената конкуренција ќе предизвика зголемување на цените за спонзорирање што значи дека за  да се постигне истиот досег на објавените содржини ќе бидат потребни поголеми буџети за огласување.

Многу важно е и да се нагласи дека квалитетот на објавената содржина измерен преку интеракциите кои фановите ги имаат со таа содржина, влијае на цената која ќе се постигне за еден оглас. Тоа значи дека колку е повисока стапката на интеракција толку може да се постигне пониска цена за прикажување на огласот. Со ова уште еднаш се истакнува важноста за осмислување, креирање и споделување на квалитетна содржина наспроти креирање на ад-хок содржина која што нема никаква вредност за фановите.

 2. Мобилниот ќе доминира

Согласно со податоците добиени од истражувањето за социјалните медиуми “Wave”, кое во Македонија го спроведуваат Меккен Скопје и УМ, процентот на корисници на паметни телефони во Македонија е 75%, а дури 76% од нив се под стрес кога немаат пристап до интернет.

Кога луѓето гледаат некој настан на ТВ, го користат паметниот телефон за да коментираат онлајн со своите пријатели; кога ќе видат реклама, го користат паметниот телефон за да дознаат повеќе информации за понудата…

Растот и распространетоста на употребата на паметни уреди ни укажува дека е потребно брендовите да се посветат на креирање на содржини кои се лесно достапни на паметните телефони, но и содржини кои се специфично креирани за нив.

 3. Поврзување на точките

Во изминатите години инвестициите во интернет маркетингот бележат постојан пораст, особено откако многу брендови ги согледаа придобивките од присуството на интернет. На почетокот, сите тие инвестиции беа “срамежливи”, но денес сме сведоци дури и на буџети кои од другите комуникациски канали се префрлаат на интернет.

Откако брендовите ја сфатија важноста која интернетот ја игра во градењето на директна и непосредна врска со потрошувачите, неминовна станува и потребата  за поврзување на интернетот во останатите канали од комуникацискиот микс. Иако и до сега тоа беше случај, во 2015 ќе бидеме сведоци на сè поголема интеграција на интернетот во останатите канали на комуникација (ТВ, пакувања на производи, материјали на место на продажба, настани, билборди…)

4. Маркетинг преку содржини (Content marketing)

Директната промоција на производи и услуги има сè помало влијание во донесувањето на одллуката за купување бидејќи самата по себе не носи дополнителна вредност за купувачот.
Во изминатите години, сè поприсутен е трендот на креирање и споделување релевантна и вредна содржина од страна на брендовите со цел да се привлече, добие и да се влезе во интеракција со јасно дефинираната целна публика. Станува збор за креирање на содржина чија што намена не е да се промовира брендот, туку темите за кои што целната публика е заинтересирана, а при тоа тие теми се диркетно поврзани со тоа што брендот го претставува и продава. Идејата позади оваа маркетинг техника е дека брендот ќе му даде доволно квалитетна содржина на потенцијалниот купувач, а за тоа купувачот ќе го награди со купување на производите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365