Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ беше впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, соопшти Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Мултинационалната номинација, поднесена од РС Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на 19-та сесија на СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржува во Асунсион, Република Парагвај.
Номинацијата била подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, како и експертски тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција.
Впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации. Сесијата на Комитетот има цел да ги промовира целите на Конвенцијата, да обезбеди насоки за најдобри практики и да даде препораки за мерки за заштита на нематеријалното културно наследство.
На овогодинешната сесија на УНЕСКО присуствуваше македонска делегација составена од Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и м-р Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра и национално контакт-лице за Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.
Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на „Чет`рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 г.), заедничката апликација на Македонија и Турција за „Пролетната прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија за „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.