Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја потпиша извршната наредба со која се зголемува надлежноста на владата во регулацијата на социјалните мрежи.
Наредбата е насочена врз Членот 230 од Законот за пристојност во комуникациите од 1996 година, која на социјалните платформи им овозможува правен имунитет за содржините кои се објавени од трети лица, истовремено нудејќи им покритие за модерирањето на содржини на нивните платформи.
Со оваа наредба, претседателот Трамп задолжи посебна агенција во рамки на Министерството за трговија да поднесе петиција до Федералната комисија за комуникации да го прецизира Членот 230.
„Тука сме денес да ја одбраниме слободата на говорот од една од најголемите опасности со која таа се има соочено во американската историја,“ истакна Трамп пред потпишувањето на наредбата. Трамп ги обвини социјалните мрежи дека имаат „Неконтролирана моќ да цензурираат, ограничуваат, уредуваат, обликуваат, прикриваат и менуваат буквално каква било форма на комуникација помеѓу приватни граѓани и поголеми јавни публики.“
Според друга одредба од извршната наредба, граѓаните ќе можат да поднесуваат директни жалби за наводно политичко фаворизирање или цензурирање на социјалните мрежи до Федералната комисија за трговија, која ќе одлучува дали се работи за „неправедни или измамнички деловни практики.“
Потпишувањето на оваа наредба доаѓа по долгогодишни обвинувања насочени кон социјалните мрежи од страна на Трамп и останатите конзервативни политички гласноговорници во државата дека социјалните платформи ги фаворизираат либералните и крајнолевичарските политички идеи. Вжештената дискусија ја достигна својата кулминација во последната недела, кога Трамп се најде во отворена вербална борба со социјалната мрежа Твитер.
Дел од Републиканските сенатори отворено го поддржаа Трамп и иницијативата за поголема правна одговорност на социјалните платформи, додека пак претставници на Демократската партија го оценија потпишувањето на наредбата како напад врз слободата на говорот која наводно ја заштитува.