Како што наближуваат претседателските избори во САД, така се вжештува атмосферата кај претседателските кандидати и медиумите. Јавноста е во исчекување на првата дебата помеѓу кандидатите Доналд Трамп и Џо Бајден, која треба да се одржи на 29 септември.
Меѓутоа, одреден дел од јавноста гледа на овие дебата, како и воопшто на традиционалните медиуми со голема недоверба, примарно поради сé поголемата и очигледна партиска поделеност помеѓу големите телевизии. Многумина би сакале да ги гледаат кандидатите во отворена дебата, „без ракавици“ и без целата телевизиска помпезност.
Актуелниот претседател и кандидат за реизбор од страна на Републиканците, Доналд Трамп, објави на својот Твитер профил дека би прифатил да учествува во една таква дебата, модерирана од најпознатиот интернет подкастер во светот, Џо Роган.
Предлогот беше даден од Тим Кенеди, поранешен UFC борец и член на американските Специјалните сили, кој неодамна гостуваше на подкастот кај Роган. „На мојот подкаст со Џо Роган, тој се понуди да модерира дебата помеѓу Џо Бајден и Доналд Трамп. Би траела четири часа, без публика. Само двајцата кандидати, камери и нивната визија за тоа како да ја придвижат државата напред. Кој го сака ова?“ – напиша Кенеди.
Трамп веднаш ја прифати понудата со кратко “I do!”, па сега Бајден е на потег. Во меѓувреме, најголемиот број од независните политички аналитичари и медиуми во државата ентузијастично ја поддржаа идејата, што не може да се каже за големите медиумски куќи кои се почувствуваа „повредени“.
Како што коментираа неки корисници онлајн, еден ваков настан „би го експлодирал интернетот“, воведувајќи нова ера во политичката дебата и јавниот дискурс.