Државата Турција, која себе си се нарекува Türkiye, планира да го промени своето меѓународно име Turkey во локалното Türkiye.
Промената ја најавил претседателот Реџеп Таип Ердоган уште минатиот месец, истакнувајќи дека Türkiye е „најдобрата претстава и израз на културата, цивилизацијата и вредностите на турскиот народ“.
Според одредени шпекулации, меѓународното ребрендирање е делумно поттикнато и од намерата да се издвои и оддалечи името на државата од други зборови во англискиот јазик кои се пишуваат сосема исто – Turkey, но во други контексти значат некои сосема поинакви работи – главно „мисирка“, но и „нешто што доживува неуспех“.
Некои турски брендови веќе повеќе години ја употребуваат ознаката “Made in Türkiye”, следејќи предлог на Турската асоцијација на извозници. Меѓутоа, доколку државното „ребрендирање“ помине официјално, ознаката ќе биде задолжителна за сите брендови и производители.
Официјалниот веб-сајт на турската влада веќе ја прикажува новата верзија “Republic of Türkiye”, а истото важи и за дипломатските мисии на државата.
Турските власти веќе отпочнале и процес во Обединетите Нации за промена на своето меѓународно име, а одлуката се очекува во следните недели. Една препрека со која може да се соочи Трција е тоа што буквата “Ü” не постои во номиналната латинска азбука, па компромисот веројатно би бил обичната буква “U”, односно – “Turkiye“.
Промената секако повлекува и нови промотивни и туристички меѓународни кампањи за државата, со цел да го одомаќини своето ново име во англофоните држави низ светот.