Корупцијата не само што е неправда кон поединецот, таа е една од најголемите рак рани која ги разјадува темелите на правниот поредок, но и го успорува економскиот и општествениот развој. Секој што се соочил со вакви и слични негативни барања, знае колку е тешко и страшно да се спротивстави на нив. Замисли ја следната ситуација: граѓанин си кој ги исполнува сите законски услови за добивање градежна дозвола, а некој ти бара мито „за побрза постапка и сигурна дозвола за градење“.
Безброј поединци или компании кои учествуваат на јавни набавки и покрај тоа што се единствените што ги исполнуваат сите критериуми, добиваат неформални понуди – да платат одредени суми на договорниот орган, за да ја добијат зделката, работата или во некои бизарни случаи, да уживаат во услуги кои би требало да се достапни за секој обичен граѓанин.
Овие, за жал, не се ниту измислени, ниту изолирани случаи од нашето секојдневие. Тие се дел од долгата низа реални ситуации со кои се соочува македонското општество, кои ја разнишуваат довербата во институциите и создаваат нееднакви можности за сите.
Но, време е да кажеме НЕ! Време е здружено да го кренеме гласот и да го прекршиме молкот!
Токму, тоа е една од главните причини поради кои Европската Унија, преку проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, ја спроведува кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“, со јасна цел: да се охрабрат сите граѓани да ја пријавуваат корупцијата без страв, со што сите заедно ќе изградиме општество во кое нема да се толерира неправда и злоупотреба.
Денес, иако постојат различни телефонски линии и канали за пријавување на корупција во институциите, многумина не се чувствуваат безбедно да го направат тоа. Стравот од реперкусии и недовербата дека пријавата ќе има ефект ги тиштат гласовите на чесните луѓе. Поддршката која Министерството за внатрешни работи ја дава на кампањата има за цел да воспостави систем кој ќе создаде услови храброста да не биде предмет на ризик, туку да биде пракса која институциите за спроведување за законот ќе ја земат предвид. Секој што ќе посака да ја изнесе вистината, да може тоа да го направи без страв и сомнеж.
Сите имаме дел од одговорноста, институциите да создадат систем што ќе ги штити граѓаните, а истите да имаат доверба и храброст да ги пријават непринципиелните понуди.
Имаме одговорност кон себе и идните генерации – да создадеме транспарентно, праведно и силно општество.
Твојата, мојата, нашата храброст е првиот чекор кон светла иднина без корупција.
Биди херој во сопствената приказна, пријави корупција. Ајде „0% корупција“ да направиме да е вистина!