Твитер им се извини на своите корисници за, како што рече, ненамерното користење на електронските адреси и телефонски броеви со цел да се овозможи таргетирано рекламирање
Компанијата соопшти дека само некои поединечни огласувачи можеби можеле да имаат пристап до одредени корисници на Твитер врз основа на нивните податоци, дури и ако тие корисници не сакале да ги користат информациите што ги оставиле на Твитер на овој начин.
„Не можеме да кажеме со сигурност колку луѓе биле погодени“, изјавија од Твитер.
Сепак, техно-критичарите предупредуваат, пренесува Би-Би-Си, дека оваа состојба влијаела на корисниците ширум светот.
Необично е, што компанијата не контактирала директно со корисниците за да ги извести за нарушувања на нивната приватност, ниту пак ја известиле јавноста кога го откриле проблемот. Компанијата објави дека го открила и решила проблемот на 17 септември.
„Веќе не користиме телефонски броеви или е-мејлови за рекламни цели“, велат од Твитер.
Твитер, чие европско седиште е во Даблин, не откри дали за случајот го известил ирскиот комесар за заштита на податоците.
Според Општата уредба за заштита на податоците (GDPR), корисниците на социјалните мрежи мора да бидат известени доколку нивните приватни податоци се користат за друга цел, како што е рекламирањето.
Твитер наведува дека има 139 милиони корисници кои ја користат платформата секој ден и на кои им се сервираат реклами секоја минута.