Социјалната мрежа Твитер ќе поставува ознака за „проверка на факти“ на сите твитови кои погрешно ја поврзуваат супер брзата 5G мобилна мрежа со корона вирусот.
Наместо бришење или сокривање на ваквите постови, Твитер ќе прикажува кратка порака „Добијте ги фактите за Ковид-19!“, со чие кликнување корисниците ќе бидат пренесени на страница на која се побиваат конспиративните теории во однос на пандемијата на корона вирусот со релевантни информации.
Воведувањето на ваквата ознака доаѓа по заложбата на компанијата во месецот мај дека ќе се бори ревносно против дезинформациите за Ковид-19.
„Ние го приоритезираме отстранувањето на содржина поврзани со Ковид-19 кога постои јасен повик за акција кој може да нанесе штета. Како што истакнавме и претходно, ние нема да превземеме извршна акција против секој твит кој содржи некомплетна или спорна информација во однос на Ковид-10. Минатиот месец објавивме дека воведуваме нови ознаки и предупредувачки пораки кои ќе дадат дополнителен контекст и информации на оние твитови кои содржат спорни или лажни иформации поврзани со Ковид-19,“ стои во соопштението на Твитер.