Без изрично да го спомнуваат Доналд Трамп, од Твитер се обидоа да објаснат зошто сметаат дека заканата со војна спаѓа во дозволена содржина
Претходната недела многу се дискутираше за политички теми на социјалните мрежи, а особено на Твитер, кога американскиот претседател Доналд Трамп упати закана со нуклеарна војна кон Северна Кореа и тоа токму на оваа социјална мрежа. Корисниците ги повикаа надлежните во Твитер да го блокираат Трамп бидејќи ги крши нивните правила, но набрзо сфатија дека нема да има ништо од тоа.
Твитер излезе со официјално соопштение зошто на нивната платформа постојат „еднакви и повеќе еднакви“, односно зошто не реагираат на пријавите кои корисниците ги испраќаат во случаите кога светските моќници ги кршат правилата за користење на Твитер. Имено, од Твитер велат дека сакаат да помогнат во унапредување на глобалниот разговори, во кои лидерите на земјите имаат клучна улога и големо влијание на општеството во целина.
Од таа причина, блокирањето на некој од светските лидери на Твитер или отстранување на нивните контраверзни твитови, би ги сокрило важните информации од луѓето – и тоа оние кои во демократските општества не би требало да бидат скриени, туку за нив треба да се дискутира. Твитер ги ревидира таквите објави, но при одлуката за евентуално отстранување се води од поинакви правила одколку во случаите кога станува збор за “обичните“ корисници.
Од Твитер велат дека го земаат во предвид и политичкиот контекст и според тоа донесуват одлука за (не)отстранување на објавите на влијателните политичари. Напоменуваат и дека никој од светските лидери не придонесува за раст на нивната мрежа и дека публицитетот не е причината за прогледување низ прсти на некои моќни личности, односно дека Твитер сака да биде непристрасен и да им овозможи на луѓето платформа за дијалог.
New Blog: World Leaders on Twitter https://t.co/KhrGbrgEuA
— Twitter Public Policy (@Policy) January 5, 2018