Веќе некое време во Твитер се подготвува услугата која на корисниците ќе им овозможи да твитаат со помош на својот глас
Социјалните мрежи не престануваат да работат за подобрување на корисничкото искуство. Па дури и пред твитерџиите да помислат дека навистина треба да вметнат нешто како говорна порака во твитовите, од Твитер истакнаа дека започнале со тестирање на услуга што е многу слична на тоа.
Наскоро сите корисници на Твитер ќе може да твитаат гласовни твитови, соопшти компанијата неделава. Корисниците ќе имаат опција да споделат аудио објави долги 140 секунди директно на нивниот „ѕид“, заедно со дополнителен текст, слики, видеа и гифови.
Корисниците на Твитер ќе можат да ја снимаат пораката со кликнување на опцијата да го сторат тоа и потоа да ја објават како дел од основниот твит, наведуваат од технолошката компанија.
Компанијата во својата блог објава соопшти дека преку оваа нова опција се додава поголем „човечки фактор“ во користењето на апликацијата.
“Постои голема недореченост и неточна интерпретација при твитањето користејќи само текст, па се надеваме дека гласовните твитови ќе придонесат кон почовечко искуство за слушателите и раскажувачите“, се вели во соопштението на компанијата.