Социјалните мрежи се под притисок да се борат против дезинформациите поврзани со изборите и се подготвуваат за можноста за насилство или заплашување на избирачките места околу ноемвриското гласање во САД.
Социјалната платформа Твитер објави дека ќе ги отстрани твитовите кои ги повикуваат луѓето да се мешаат во изборниот процес во САД или изборните резултати, вклучително и насилството и најави воведување на повеќе ознаки и ограничувања за да се успори ширењето на дезинформации.
Почнувајќи од следната недела, корисниците на Твитер ќе добијат предупредување што ќе ги насочи кон веродостојни информации пред да можат да проследат содржина што е означена како лажна.
Исто така, ќе се зголемат предупредувањата и ограничувањата на твитовите со лажни информации за американските политичари, како што се кандидатите и кампањите, како и американските профили со повеќе од 100.000 следбеници на Твитер.
Од компанијата Твитер изјавија дека ги тестираат овие опции со цел да се направи означувањето појасно и подиректно и дека луѓето ќе мораат да кликнат на предупредувањата за да ги видат овие твитови.
Корисниците исто така можат само да ја „цитираат“ оваа содржина, бидејќи лајковите, ретвитовите и одговорите ќе бидат исклучени.
Твитер наведува дека тие обележале илјадници измамнички постови, иако најмногу внимание се посветило на етикетите што биле применети на твитовите на американскиот претседател Доналд Трамп.
Исто така, тоа ќе укаже на твитови кои лажно прогласуваат пораз или победа на кој било кандидат.