Платформата за превоз Uber лансираше оддел за огласување чија задача ќе биде да договара брендови кои ќе им се рекламираат на патниците со прикажување видео реклами за време на возењето. Иницијативата го носи името „Uber Journey Ads“, а компанијата веќе се договорила со преку 40 истакнати брендови за рекламирање преку т.н. патнички реклами.
„Имаме глобална публика од вредни потрошувачи кои се ориентирани кон купување, кои, како дел од нашата основна дејност, ни кажуваат каде сакаат да одат и што сакаат да добијат. Додека овие потрошувачи носат одлуки за купување и ја чекаат нивната дестинација или испорака, ние можеме да ги ангажираме со пораки од брендови кои се релевантни за нивните потрошувачки патувања. Со 1,87 милијарди патувања минатиот квартал, тоа значи дека можеме да ги поврземе огласувачите со потрошувачите во просек пет пати месечно преку возења и испораки“ – објаснува Марк Гретер, генерален директор на одделот за огласување на Uber.
Uber исто така ќе нуди детално известување и анализи, кои ќе им помагаат на брендовите да развијат кампањи кои имаат поголемо влијание на целниот пазар.
Компанијата нуди и „Спонзорирани огласи“ при листингот на понуди на платформата за нарачка и достава на храна Uber Eats, додека пак „Билбордите на почетната страница“ им даваат на брендовите можност да прикажуваат реклами на почетната страница на Uber Eats.
Uber исто така нуди и опција за „Спонзорирана е-пошта“, која на брендовите им овозможува да промовираат понуди до потрошувачите на Uber и Uber Eats со испраќање е-пошта до нивното електронско сандаче.