Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) реши да ја измени химната на фудбалската Лига на шампионите, што предизвика лавина негативни реакции кај фановите на социјалните мрежи.
Химната на Лигата на шампионите е напишана во 1992 година од страна на англискиот композитор Тони Бритен во 1992 година, инспирирана од барокното дело „Свештеникот Садок“ на германскиот композитор Георг Фридрих Хендл. Комплетната химна е долга околу три минути и има два кратки стиха и рефрен, испеани на трите официјални јазици на УЕФА: англиски, француски и германски.
Низ годините, химната стана препознатлив дел од целокупниот бренд на Лигата на шампионите и има специјално место во срцата на фудбалските фанови (понекогаш дури ќе сведочите и свадби кои започнуваат со оваа химна :) ).
Меѓутоа, во пресрет на новата фудбалска сезона 2024/25, кога и самата Лига на шампиони ќе се одигрува по нов систем, се чини дека УЕФА ја изменила химната со забрзување на темпото и додавање повеќе звучни ефекти.
Промената беше забележана од фановите при интонирањето на химната пред почетокот на неколку плејоф квалификациски натпревари за место во овогодинешното шампионско натпреварување.
Мнозинството од реакциите на социјалните мрежи се негативни, со повици до УЕФА да не го менува она што е веќе совршено и нема потреба да се менува.