Асоцијацијата за мерење на телевизиската гледаност во Хрватска (UMTG) е основана од страна на HURA, NOVA TV grupa и RTL Hrvatska. Следејќи го примерот на западноевропските пазари, каде што ваквите пазарни асоцијации постојат со децении, главната цел на здружението е да обезбеди и континуирано да унапредува транспарентен и непристрасен систем на мерење на телевизиската гледаност преку примена на меѓународниот стандард за мерење на телевизиската гледаност, со истражување на гледаноста по пат на „пиплметри“.
Постоењето на транспарентен и непристрасен систем за мерење на телевизиската гледаност е од големо значење за сите учесници на пазарот, сопствениците на телевизиите, компаниите за маркетинг комуникации и за огласувачите активни во медиумскиот бизнис. Токму поради оваа причина во Хрватска се појави потребата да се формира UMTG, пазарна асоцијација во која сите учесници во индустријата имаат влијание и активно учествуваат во дефинирањето на професионалните стандарди, зајакнувањето на транспарентноста на ТВ пазарот и развојот на целата индустрија.
Најважниот стандард за мерниот систем на телевизиската гледаност е репрезентативниот примерок. Од една страна, примерокот мора да биде репрезентативен за сите ТВ канали достапни во Република Хрватска, односно да ја мери гледаноста на ТВ каналите со терестријална, сателитска, кабелска, IPTV и/или дистрибуција преку Интернет. Од друга страна, примерокот мора да го претставува целокупното население на Република Хрватска, односно сите нејзини сегменти, и регионално и по градови, како и по возраст, пол, образование и сите други карактеристики на населението. Конечно, примерокот и самиот систем за мерење на телевизиската гледаност мора да обезбедат валидни и веродостојни податоци за гледаноста на телевизиските канали на индивидуално ниво. За креаторите на програмските содржини, агенциите и огласувачите, податоците за преференциите на специфичната публика, како што се „помладата женска публика“, „вработените мажи“ и слично, се од големо значење при донесувањето деловни планови и одлуки, како и за гледачите да се осигураат дека содржината која им се нуди ќе биде креирана токму за нив.
Имајќи ги предвид високите стандарди за квалитет, транспарентност и непристрасност, UMTG за давател на услугите за мерење на телевизиската гледаност ја избраа компанијата “AGB Nielsen istraživanje medija doo”, дел од Nielsen Group, една од водечките меѓународни компании во оваа област и компанија која ја мери телевизиската гледаност во Хрватска веќе 20 години.