Со цел да се оттргне од негативните расни стереотипи, американскиот бренд за производи од ориз претходно познат како Uncle Ben’s го комплетираше ребрендирањето во Ben’s Original. Со тоа, брендот во сопственост на Mars Food го оддржа своето ветување дадено минатото лето, по убиството на Џорџ Флојд и протестите за расна еднаквост кои следеа.
Терминот “Uncle” („Вујко“) беше отфрлен затоа што во минатото бил користен во погрден контекст како префикс кон имињата на повозрасните црномурести мажи.
Па така, отсега на пакувањата на брендот нема да може да се забележи ни ликот на постар црномурест маж, но тие ќе ги задржат препознатливите бои на портокалова позадина со син текст, кој исто тка го задржува својот фонт.
Производите со стариот брендинг ќе останат во маркетите до нивната распродажба, а постепено ќе бидат заменувани со новиот Ben’s Original.
Ребрендирањето на Uncle Ben’s го следи примерот на брендот за палачинки претходно познат како Aunt Jemima, кој се ребрендираше под името Pearl Milling Company.