Во пресрет на официјалниот старт на новата фудбалска сезона во англиската Премиер лига, брендот за спортска опрема Under Armour ја лансираше кампањата “The Ultimate Team Talk” („Врвниот тимски говор“).
Според брендот, мисијата позади новата кампања била да се создаде „најинспиративниот тимски говор на сите времиња, осмислен да им помогне на спортистите во тимските спортови да се посветат на нешто поголемо од себе, на тимот“.
Under Armour го започнале процесот на изработка на врвниот тимски говор преку идентификување на некои од клучните фактори кои придонесуваат за мотивацијата, инспирацијата и оптималните перформанси кај спортистите. Брендот исто така се консултирал со литература за спортска психологија и направил интервјуа со истакнати европски фудбалери.
Меѓутоа, крајната и последна состојка во оформувањето на говорот била вештачката интелигенција, односно платформата ChatGPT, која била „нахранета“ со сите претходно собрани информации со цел да го генерира „врвниот тимски говор“. Крајниот продукт – жесток мотивациски говор од 90 секунди, во тимската соблекувална го одржа британскиот актер Ешли Волтерс.
Кампањата била реализирана со помош на лондонската креативна агенција The Space Between.