Британската мултинационална компанија за широка потрошувачка Unilever соопшти дека по шестмесечен бојкот, во јануари ќе продолжи да се огласува на Фејсбук, Инстаграм и Твитер во САД.
Unilever го започна огласувачкиот бојкот на именуваните социјални мрежи во јуни оваа година, како дел од кампањата #StopHateForProfit, кога поголем број на огласувачи го прекинаа своето огласување со цел да извршат притисок врз социјалните платформи да преземат активности против дезинформациите и говорот на омраза.
Еден добар дел од тие огласувачи веќе се вратија на Фејсбук, Интаграм и Твитер, други го продолжуваат својот бојкот, а Unilever го исполнува своето ветување дека ќе остане настрана барем до крајот на 2020.
Одлуката на Unilever доаѓа после повеќемесечна соработка со Фејсбук и Твитер со цел исполнување на стандардите од нивната „Рамка за одговорност“, која предвидува создавање на разновидна партнерска мрежа која промовира позитивен дигитален еко-систем за потрошувачите, огласувачите и медиумите.