Пред една година, брендот за брза храна Burger King ја лансираше кампањата “Confusing Times” („Збунувачки времиња“), во која се осврна врз „збунетоста“ на луѓето во време на пандемија, истовремено промовирајќи го својот „збунувачки“ вегански сендвич со месо кое не е месо, но има вкус на месо.
Една година подоцна, Burger King ја продолжува истата тематика со новата кампања “Even More Confusing Times” („Уште позбунувачки времиња“). Повторно гледаме рекламен спот кој е вкоренет во иронија, претставувајќи ги приказните на замислени луѓе кои се тотално збунети од животните избори кои им се нудат.
„Дали еколошки производ купен на Црн Петок е добро за планетата или воопшто не е добро? Дали треба да избришете порака што е погрешна или да испратите погрешна порака со тоа што ќе ја избришете? Дали Макс е име за куче или име за момче? Светот станува сé повеќе и повеќе… збунувачки“ – објаснуваат од Burger King.
Овој пат, брендот ги промовира своите вегански пилешки медаљони, кои се без пилешко, но имаат вкус на пилешко. Односно – пилешко од растително потекло. Навистина збунувачки!
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција David Madrid.