Американската модна компанија Victoria’s Secret соопшти дека лансира инклузивен и родово неутрален бренд за деца од 8 до 12 години, кој ќе го носи името Happy Nation.
Брендот Happy Nation т.е. „Среќна нација“ треба да поттикнува позитивност и инклузивност кај младите потрошувачи и ќе функционира целосно независно од главниот бренд на Victoria’s Secret и неговото портфолио на долна облека за возрасни.
Во колекциите на Happy Nation ќе можат да се најдат маици, дуксери, тренерки, блузи, костими за капење, долна облека и козметички производи за грижа за тело. Облеката ќе се продава во осум големини, од S до XL+.
Во однос на промоцијата на производите од Happy Nation, тимот на Victoria’s Secret се консултираше со експерти и родители „за да се осигура дека сè – од креативните решенија, до фотографијата и комуникациите на социјалните медиуми, ќе поттикнуваат безбедна, инклузивна и поддржувачка средина“.
Засега, брендот Happy Nation нема планови за отворање на физички продавници и ќе оперира целосно дигитално. Брендот ќе се обиде да досегне до помладата генерација преку метаверзумот и партнерство со виртуелната платформа Roblox, додека пак потрадиционалните методи на комуникација ќе се користат за таргетирање на нивните родители и старатели.