После скоро 30 години создавање на дигитални фудбалски искуства, компанијата за видео игри Electronic Arts и меѓународната фудбалска асоцијација FIFA соопштија дека нивното партнерство ќе заврши во 2023 година.
Electronic Arts ја сподели веста со 150 милиони фанови на играта преку соопштение во кое се наведува дека нивната нова игра со ново име – EA Sports FC – ќе ги одведе „глобалните фудбалски искуства до нови височини“.
Од компанијата ветија дека истите лиги, турнири, клубови и спортисти ќе останат достапни во играта и по нивната разделба со FIFA.
„Нашето уникатно лиценцирано портфолио со повеќе од 19,000+ фудбалери, 700+ тимови, 100+ стадиони и 30 лиги, во кои континуирано инвестиравме со децении, сé уште ќе биде тука – исклучиво во EA Sports FC“ – посочи Кам Вебер, извршен потпретседател и генерален менаџер на EA Sports.
Од компанијата исто така веруваат дека независноста од FIFA ќе им донесе повеќе можности за „иновација, креација и еволуција“, откривајќи нови начини за реинвестирање во спортот и соработка со нови партнери.
Од брендот за спортска опрема Nike веќе потврдија дека нивата соработка со EA Sports продолжува и понатаму.
„Ние сме возбудени да го продолжиме и прошириме нашето долгогодишно партнерство со EA Sports, служејќи им на спортистите на пресекот помеѓу спортот, гејмингот и културата“ – изјави генералниот маркетинг директор на Nike, Дирк Јан ван Хамерен.