Меѓу приватните пораки во Messenger веќе се појавуваат реклами, а од Фејсбук најавуваат дека наскоро можеме да очекуваме видео реклами кои автоматски ќе се прикажуваат
Иако многу негодуваа кога Марк Закерберг најави издвојување на Messenger од мобилната апликација на Фејсбук, на повеќето корисници не им преостана друг избор освен да ја преземат апликацијата на своите мобилни уреди и да продолжат со допишување со своите (виртуелни) пријатели преку посебна апликација, која им завзеде драгоцен простор на нивните телефони.
Причините заради кои од Фејсбук се одлучија на овој чекор, се разбира, не беа барањата од страна на корисниците или заради подобро корисничко искуство, туку создавање на уште една платформа преку која ќе може да се прикажуваат реклами, односно преку која Фејсбук ќе може да заработува.
Во рамките на Messenger веќе околу една година и половина се прикажуваат реклами, кои се поставени помеѓу разговорите, а Фејсбук сега се подготвува нова опција која нема да им се допадне на повеќето корисници. Имено, покрај таквите статични реклами во Messenger, наскоро ќе се прикажуваат и видео реклами, кои автоматски ќе стартуваат кога ќе се појават на екранот.
Иако некои незадоволни корисници би можеле да најават бојкот на Messenger и преминување кон други апликации за комуникација, како што се WhatsApp, Viber и слични, досегашното искуство со корисниците на Фејсбук покажало дека повеќето корисници и покрај незадоволството, остануваат верни на мрежата на Закерберг и неговата платформа за комуникација.
Што се однесува до Фејсбук, причината заради која се одлучија за оваа опција е јасна – видео рекламите се поскапи во споредба со класичните реклами, така што можеме да очекуваме зголемување на приходите од реклами во рамките на Messenger.
Од оваа компанија сепак напоменуваат дека ќе го следат однесувањето на корисниците и дали овие реклами негативно ќе влијаат врз искуство на користење на Messenger, а Стефанос Лукакос, кој е задолжен за водење на огласувачкиот оддел на Messenger, вели дека не забележале било какви промени по воведувањето на класичните реклами, иако му е јасно дека ситуацијата со видео рекламирањето може да биде малку поинаква.