Наследникот на McDonald’s во Русија ќе го носи името „Вкусно и точка“, а првите 15 филијали се веќе отворени и почнаа со работа во Москва.
Брендот за брза храна McDonald’s одлучи да се повлече од Русија уште во март, како реакција на руската инвазија на Украина. Филијалите потоа ги купи рускиот бизнисмен Александер Говор, кој претходно бил сопственик на 25 ресторани на McDonald’s во Сибир.
Компанијата планира да отвори 200 ресторани до крајот на јуни, односно сите 850 оригинални McDonald’s локации до крајот на летото. Персоналот кој ќе работи во рестораните ќе биде истиот, па рецептите ќе останат исти. Сепак, „Вкусно и точка“ нема да ги нуди некои од најпознатите хамбургери и други оброци карактеристични за McDonald’s.
Логото на „Вкусно и точка“ претставува зелен круг во кои се сместени две стапчиња жолт помфрит и жолто-портокалова плескавица – алудирајќи на буквата M.