Владата на Република Македонија ќе реализира интегрирана маркетинг кампања за поттикнување на населението за водење севкупен здрав живот, како и подигање на свесноста за значењето и влијанието на редовната и зголемена физичка активност, врз примарната превенција од болестите и хроничните заболувања.
Оваа кампања е продолжение на претходната со која се промовираше значењето и потребата за консумирање здрава храна и избегнување храна со несоодветен квалитет по здравјето на граѓаните.
За реализација на кампањата Владата ќе ангажира три маркетинг агенции, кои ќе бидат задолжени во рок од три месеци да изработат идејни решенија, обезбедат медиа закуп и спроведат ПР стратегија за промоција на кампањата.
Тендерите ги добија :
– Друштвото за маркетинг ЊУ МОМЕНТ ЊУ ИДЕАС КОМПАНИ ДОО Скопје која ќе биде задолжена за подготвување и реализација на медиа план, закуп на медиумски простор за електронски и печатени медиуми и внатрешно и надворешно рекламирање.
– Агенцијата за маркетинг,комуникации и услуги ОМЕГА КОМУНИКЕЈШН ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, која ќе биде задолжена за подготовка на идејни решениија и изработка на ТВ и радио спотови; како и
– Друштвото за маркетинг и консалтинг МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ Скопје, кое ќе биде задолжено за осмислување на идејно решение на знак/ лого, идејно решение за веб банери, идејно решение и изработка на принт огласи, адаптација за надворешно рекламирање (мегалајти, билборди и автобуси) и адаптација за внатрешно рекламирање (лифтови, влезови и сл.) како и осмислување и реализација на ПР стратегија за промоција на кампањата.
Целиот буџет предвиден за оваа кампања ќе изнесува околу 500.000 евра.