Витаминка и Владо Јаневски склучија договор за соработка преку кој ќе се промовираат производите на Витаминка, а која воедно ќе значи и континуирана поддршка на македонскиот поп музичар. Спојувањето на двата силни македонски бренда во различни сегменти ќе придонесе за нивно зацврстување и позиционирање како на домашниот така и на странските пазари.
„Во Витаминка воспоставивме редовна практика којашто полека станува и традиција, да ја поддржуваме македонската музика и нашите музичари затоа што веруваме дека музиката содржи и пренесува вистински вредности. Владо Јаневски е значајно име за домашната современа поп музика и нè радува што повторно се враќа на сцената и што токму ние како компанија застануваме зад него. Искрено веруваме дека и овој пат влегуваме во една долгорочна и соработка што ќе вроди со задоволство за сите страни“, изјави Владимир Трпаноски, Комерцијален директор на Витаминка.
Соработката меѓу двата бренда започна со промоција на новиот спот на Владо Јаневски за песната „Ајде води ме“, а ќе продолжи и во следниот период со дополнителни активности и изненадувања.
„Името Витаминка значи вредност, традиција и искрен поддржувач и промотор на современата поп музика. Затоа чест и задоволство е да се застане покрај нешто што е успех веќе 60 години и што е длабоко присутно во нашите секојдневни животи. Од таа причина, покрај тоа што во оваа соработка влегувам со верба, истата има и емотивно значење за мене и мојата работа како музичар“, изјави Владо Јаневски.
Текстот за песната „Ајде води ме“ е авторство на Владо Јаневски, музиката ја напиша Момчило Бајагиќ, снимател и продуцент е Валентино Скендеровски, а аранжманот е на Никша Братош. Се снимаше во загребското студија NB и Enterprise во Скопје. Модел во видео записот, кој се снимаше на локации низ Скопје е Ана Коцева и е во продукција на Томато.