Пријавувањето е во тек! Новите категории „Entertainment“, „Branding“, „Rebranding“, „Advertising Design“, „High-Volume Packaging Design“ и „Low-Volume Packaging Design“ се само дел од низата иновации на овој регионален натпревар за креативност.
Креативната сцена ве очекува и во новата натпреварувачка сезона: официјално се отворени апликациите за BalCannes – големиот натпревар и платформа за истакнување на креативниот потенцијал на регионот. BalCannes продолжува да се развива во служба на истакнување на креативниот потенцијал, поттикнувајќи ги креативците од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија да ги стават своите проекти под светлото на рефлекторите и пред ценетата публика на комуникациската индустрија со цел заедно да ги прослават најдобрите.
НОВА НАТПРЕВАРУВАЧКА ГРУПА: DESIGN MOSAIC
Покрај постојните две натпреварувачки групи „Market Mosaic“ (категории во кои проектите и обично се натпреваруваат на пазарот) и „Positive Change Mosaic“ (категории кои ги слават општествените акции и моќта на креативноста кои поттикнуваат позитивни промени во светот), креативците на BalCannes од оваа година ќе можат да освојуваат награди и во новата натпреварувачка група – „Design Mosaic“, која е посветена на истакнување на најдобрите и најиновативни дизајнерски решенија во огласувањето. Во рамките на групата „Design Mosaic“, ќе може да се пријавуваат проекти во пет категории: „Branding“, „Rebranding“, „Advertising Design“, „High-Volume Packaging Design“ (≥ 10.000 парчиња) и „Low-Volume Packaging Design“ (<10.000 парчиња).
ЗАБАВАТА Е НОВА ПАЗАРНА КАТЕГОРИЈА
Натпреварувачката група „I. Market Mosaic“, која проектите ги оценува и наградува според деловните категории во кои вообичаено се натпреваруваат на пазарот: од храна, алкохолни и безалкохолни пијалоци, телекомуникациски услуги, здравје и фармација, па сè до корпоративни комуникации, сега воведува уште една нова категорија – „Entertainment“, во која ќе се наградуваат проекти поврзани со спортот, видеоигрите, филмот, музиката и други аспекти на популарната култура.
НОВА ПОГОДНОСТ ЗА ПРИЈАВУВАЧИТЕ: 3 + 1, 6 + 2, 9 + 3…
За овогодинешниот натпревар на креативноста беше усвоена и нова придобивка за агенциите, која го нагласува континуираното учество и треба да поттикнува нови апликации. Агенциите кои редовно пријавувале свои проекти во последните две години, сега имаат можност да ја искористат бесплатната промоција 3 + 1, што значи дека за секои три пријавени проекти можат бесплатно да пријават по уште еден дополнителен проект. Од друга страна, агенциите кои не пријавиле проекти во последните две години имаат право на бесплатно прво пријавување. Оваа иницијатива ја отвора вратата на натпреварот за учество на нови и постоечки агенции, мотивирајќи ги да ги презентираат своите проекти и да се натпреваруваат за престижни награди.
На натпреварот може да се пријават целосни, интегрирани кампањи, како и поединечни, единствени делови во рамките на некоја кампања кои претставуваат една идеја имплементирана во текот на двегодишниот квалификациски период од 20 јануари 2023 до 20 јануари 2025 година.
Редовниот период за пријавување трае до 20 декември 2024, додека пак доцниот рок за пријавување завршува на 20 јануари 2025 година.
МОЗАИК НА КРЕАТИВНОСТА: ГОЛЕМИОТ РЕГИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ
Да потсетиме дека и оваа година, познатиот натпревар на креативноста се одржа во рамки на фестивалот Денови на комуникациите, а по прогласувањето на победниците на свечената церемонија во Ровињ, што ја водеа Галеб Никачевиќ Хаџи-Јаре и Мирела Лела Лаковиќ, следуваше објавата на BalCannes Report.
Извештајот наречен „BALCANNES: МОЗАИК НА КРЕАТИВНОСТА“ опфати серија рангирања со податоци за најдобрите проекти, огласувачи и агенции во регионот, но и во рамките на конкурентските земји, а новата сезона на натпреварот ќе собере сознанија кои ќе бидат од големо значење како за агенциите, така и за огласувачите на петте натпреварувачки пазари.
Пријавувањето на BalCannes е исклучително едноставно: доволно е да го пополните формуларот за апликација и да приложите кратко видео резиме или PDF документ, а сите информации за начинот на пријавување се достапни во Правилникот и на официјалната веб-страница на натпреварот.