Во понеделник, 19 јуни, започнува јубилејното 70. издание на најголемиот меѓународен фестивал на креативноста во светот – Cannes Lions.
Во рамки на петдневната програма, до петок 23 јуни, учесниците ќе имаат можност да проследат стотици предавање, панели, работилници, но и забави и настани за вмрежување, кои што ќе се случуваат на различни локации во Кан, крај францускиот Азурен морски брег. Целосната агенда на фестивалот е достапна на следниот линк.
Овогодинешниот состав на говорници влечи инспирација од поширок и разновиден спектар на креативни дисциплини – креатори, визионери и мислители кои ќе се обидат да ги инспирираат гостите.
Најавени се над 400 говорници, вклучувајќи повеќе „тешкаши“ од корпоративниот свет, како Кони Браамс од Unilever, Дијана Фрост од Heinz, Алис Фен од Mars Wrigley и Моника Тарнер од P&G, меѓу останатите. Секако, таму ќе бидат и лидерите на големите агенциски групации како WPP, Omnicom, Publicis, IPG, Dentsu, Stagwell, Havas, но и помали независни агенции од целиот свет.
Гости во Кан ќе бидат и ѕвезди од филмската индустрија, како режисерот Спајк Ли, актерката Хали Бери и комичарот Кевин Харт, но и познати спортисти како фудбалската легенда Кларенс Седорф и златниот олимпиец Мајкл Џонсон. Целосната листа на говорници може да се погледне на следниот линк.
Секако, најзначаниот дел од фестивалот е доделувањето на популарните „лавови“ – најпосакуваната награда во креативната индустрија. Потесниот избор на кампањи – кандидати за награди – е веќе објавен во неколку категории. Другите ќе следуваат во претстојните денови, а во текот на фестивалската недела, секој ден, ќе се одржуваат наградни церемонии на кои ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени вредните статуетки во 30 различни креативни категории.
Повеќе информации за доделувањето на наградите се достапни на следниот линк.