Уште на почетокот на 2018 година, Амазон ги отвори своите први продавници без касиери, каде купувачите ги земаат потребните намирници од полиците и на крајот само излегуваат од продавницата, додека плаќањето се врши автоматски преку мобилната апликација со која се регистрирале на влезот.
Ланецот продавници „Amazon Go“ сега има десетици продажни места низ САД, а Амазон продолжува да работи на унапредување на бесконтактната трговија, особено во ерата на корона вирусот кога е потребно да се одржува дистанца од другите луѓе и да не се допира сè и сешто со рацете.
Нивната најнова иновација е „Amazon One“, систем што го препознава корисникот врз основа на неговиот отпечаток на дланка. За да го користите за прв пат, треба да се регистрирате и да му ја дадете дланката на уредот на “увид”, со внесување на картичката и телефонскиот број. Системот, без контакт, ќе ја сними и зачува, а подоцна и авторизацијата на купувачот ќе се изврши на ист начин, само со поставување на дланката над читачот.
Од Амазон велат дека системот прво ќе се примени во неколку нивни продавници без касиери. Подоцна, тие планираат да го понудат на други компании кои можат, во зависност од потребите, да го користат наместо авторизацијата на корисникот при влегување во простор (на пр. стадион), за да извршат плаќања, наместо да покажуваат разни картички за лојалност за собирање поени и слично.
За препознавање на уникатниот изглед на дланката се користи технологијата за компјутерски вид. Дланката треба да се држи над читачот само околу една секунда, за да може успешно да се прочита и корисникот биометриски да го потврди неговиот идентитет.
Во Амазон велат дека се одлучиле за дланката затоа што, за разлика од скенирањето на лицето, нуди повисоко ниво на приватност. Од друга страна, за разлика од отпечатокот од прст, дланката може да се сними попрецизно без директен контакт помеѓу читачот и корисникот, што е особено корисно во време на пандемија.