Нови археолошки откритија доаѓаат од Туркије, конкретно од неолитската област Таш Тепелер или Камени ридови, лоцирана во регионот Шанлиурфа, кој се наоѓа во југоисточниот дел на државата. Најновите ископувања направени во Карахантепе, втор најголем локалитет во Таш Тепелер, за прв пат открија столб во форма на буквата Т со врежано човечко лице, што говори за нов израз на неолитската имагинација и ги менува досегашните разбирања за праисторијата.
Досега вакви столбови биле пронајдени во Ѓобеклитепе, најпознатиот локалитет од таа област кој се наоѓа и на листата на УНЕСКО, и тие биле украсени со раце и дланки, што оди во прилог на толкувањето дека симболизираат човечка форма. Од тие причини, новото откритие во Карахантепе се смета за пресвртница во неолитските студии, бидејќи за прв пат дава приказ на човечко лице директно врежано во Т-столб. Лицето е исклесано во горниот дел на столбот, а има остри контури, длабоко поставени очи и широка и рамна носница, со што е практично многу слично со човечките статуи кои беа пронајдени во тој локалитет. Сето ова, пак, ја прави Шанлиурфа значајна дестинација за историјата, а нејзината област Таш Тепелер со своите локалитети Ѓобеклитепе и Карахантепе се препорачуваат како места кои треба да се посетат во овој период од годината.
Овој пронајдок не е прв од Карахантепе. Пред неколку месеци таму беше откриен најраниот познат тродимензионален митолошки приказ во светот, откако археолозите пронајдоа предмети запечатени во црвена стерилна почва и во одреден ред. Ѓобеклитепе, пак, изобилува со колосални столбови во форма на буквата Т. Можат да се видат и првата реалистична обоена статуа на дива свиња во природна големина, како и неодамна откриената човечка фигура вградена во ѕид. Тоа е и причина што во посета на овој локалитет доаѓаат љубителите на историјата од целиот свет, а само во првите осум месеци од годинава Ѓобеклитепе беше домаќин на 497.394 туристи. Локалитетите се наоѓаат во близина на реката Еуфрат, која се споменува во Библијата, а околината на Еуфрат е и дом на најстарите цивилизации.
Во областа се препорачува да се посети и Музејот на Шанлиурфа, најголем музејски комплекс во Туркије, но и еден од најбогатите со артефакти, со хронолошки подредени музејски сали. Веднаш до него е Музејот на мозаиците Халеплибахче, со извонредна збирка. Покрај неолитското наследство, Шанлиурфа има и други културни богатства, од локалитетот Баликлигјол, до куќите со куполи во Харан. Од богатата кујна со турски специјалитети се издвојуваат лахмаџун, чиг ќофте и џигер на скара, кој се препорачува како познат локален појадок.
Археолошката сезона 2025 продолжува на десет локалитети во регионот, како дел од проектот Таш Тепелер, спроведен од Министерството за култура и туризам на Република Туркије. Ѓобеклитепе, Карахантепе, Сајбурч, Сефертепе, Харбецуван Тепеси, Гурџутепе, Чакмактепе, Јени Махале и Согут Тарласи во текот на целата година ќе бидат отворени за посетителите, а во нив можат да се видат тродимензионални скулптури, животински коски, камени садови, монистра, украси, како и сложени релјефи.