Пред точно 75 години, две возила Volkswagen Тип 1, денес попознато како Буба, пристигнаа на брегот на Њујорк. Седумдесет и пет години подоцна, познатиот производител на автомобили ги слави своите скромни почетоци, оддавајќи им признание на оние кои го вткаија брендот во културното ткиво на САД, на тој начин поставувајќи ја основата за следната ера во неговата континуирана трансформација.
За да ја прослави оваа значајна годишнина, германскиот производител на автомобили Volkswagen најави едногодишна холистичка кампања која ќе послужи како „љубовно писмо до американскиот народ“ и покана тој да биде дел од електричната иднина на компанијата.
„Во текот на изминатите 75 години, Volkswagen прерасна од приказна за две Буби во дел од американското културно ткиво. Ние ги носиме луѓето во нашето име и нашето срце. Додека со погледот сме насочени кон следните 75 години, ќе ги славиме вистинските луѓе и моментите од реалниот живот што го направија брендот Volkswagen да биде љубовната приказна за луѓето каква што ја познаваме денес“ – посочува Рахаела Залузец, виш потпретседател за потрошувачко искуства и бренд маркетинг во Volkswagen за Америка.
Се планираат моменти во текот на годината за да се истакнат луѓето, производите и местата што го дефинираа еден од најпознатите брендови ширум Америка. Кампањата за 75-годишнината ќе го означи и враќањето на Volkswagen меѓу огласувачите на Super Bowl LVIII (најголемиот спортски настан во државата) по пауза од една деценија.