Поминаа девет години од усвојувањето на измените во Законот за трговија со кои се воведе забраната на продажбата на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти после 19, односно 21 часот. Воведувањето на ова решение во 2008 година наиде на големи негодувања во јавноста поради потребата од прилагодување на потрошувачките навики, како и меѓу трговците поради тоа што измените на законот предвидоа и дополнителни давачки – скапи лиценци за продажба на алкохол во малопродажната трговска мрежа со важност од две години. Тогашната Влада ги бранеше измените со целта на Законот – намалување на консумацијата на алкохол во Македонија, особено меѓу младите. Влада немаше ниту слух за издвојување од забраната барем на пивото и виното кои како пијалаци со низок процент на алкохол во многу западноевропски земји се третираат како храна, ниту пак ги зема предвид медицинските докази дека умерената консумација на пиво и вино има бројни придобивки за здравјето на луѓето.
Дали законот ги даде очекуваните ефекти?
Ако се погледне последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен во 2016-та година, во кој се констатира: „Консумацијата на алкохол денес не е само што е појава кај возрасните лица, туку и кај младите луѓе чиј број од ден на ден станува сè поголем“ – слободно може да се каже не. Оваа констатација оди во прилог на сите опоненти на овој Закон кои велеа дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на малолетници, а не „прохибиција“ за сите.
Што донесе ограничувањето на продажбата на алкохол?
Ова контраверзно законско решение кое патем беше донесено без претходна транспарентна процедура и консултација со засегнатите страни, не само што не ги даде очекуваните придобивки туку напротив придонесе за штети врз државниот буџет. Поради намалувањето на прометот државата губи по основ на даноци и акцизи кои би можеле да се искористат за други цели вклучително и за спроведување на издржани кампањи, а е паушални решенија, за градење свесност и едукација на младите за штетните последици од консумацијата на алкохол. Приходи губат и прозводителите на алкохолни пијалаци со што се намалува нивниот капацитет за инвестиции и со тоа придонес во развојот на домашната екномија. Ова е особено проблематично за пивската и винската индустрија кои се значајни индустриски гранки во домашната економија со голем извозен потенцијал.
Она што е уште попроблематично и во целост контра целите на донеувањето на овој Закон е зголемувањето на производството и трговијата со алкохол „на црно“, што нанесува директна штета на консументите поради неможноста за контрола на квалитетот на алкохолните пијалаци.
Што е следно?
Новата Влада сериозно треба да ги разгледа ефектите од овој Закон и врз основа на своите и националните приоритети да го редефинира ова законско решение. За тоа ја има целосната поддршка од јавнста. Неодамна на интернет се појави петиција за укинување на забраната за продажба на алкохол по 19 односно 21 часот која само во првите неколку часа ја потпишаа над 2000 лица. Дополнително и членките на Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија бараат од новата Влада да ги укине овие законски ограничувања.
Она со што треба да се бави новата Влада е сериозно спроведување на законските решенија за забрана за продажба и точење на алкохол на малолетни лица, за што сигурно никој разумен нема да негодува.