Почнувајќи од август оваа година, вселенскиот интернет сервис Starlink на компанијата SpaceX ќе стане достапен за секого на планетата. Од компанијата очекуваат повеќе од 500.000 претплати до крајот на годината.
Информацијата беше соопштена од страна на основачот на SpaceX, милијардерот Елон Маск, кој откри дека Starlink веќе прифатил 69.000 постоечки претплатници од лансирањето на бета-верзијата во октомври.
Сервисот има за цел да обезбеди интернет до која било позиција на Земјината топка, со акцент на изолираните и ретко населени места кои немаат пристап до брз интернет. Маск сепак предупредува дека корисниците во густо населените места може да се соочуваат со падови во мрежата.
Цените за новиот вселенски интернет ќе бидат прилично скапи, па така само за иницијалниот хардвер ќе треба да се издвојат 499 американски долари, а потоа ќе следи месечна претплата од 99 американски долари за негово користење.