Ново, второ продолжение од серијалот „за кралицата“ е во најава. „Кралицата ќе издржи“ е насловот на продолжението на „Издржи, кралице“ од Весна Кираџиева.
Книгата е во издаваштво на „Кооперација“ и оттаму ни ја најавуваат оваа нивна прва соработка со домашен, македонски автор.
„Кооперација како издавачка куќа веќе подолг период сериозно се подготвува за почеток и јавна презентација на оваа наша примарна дејност. Нѐ радува што нашата официјална работа ќе ја започнеме токму со Кираџиева.“ – вели уредникот и директор, Томе Костадиновски.
Кираџиева, во новото продолжение се обидува да даде одговор и да нѐ мотивира повеќе во нашето секојдневие, со нашите стремежи и цели во животот, независно дали е тоа спортот, трчањето или било која друга животна определба.
„Зошто трчаме?
Да бидам искрена, ни јас не знам да си одговорам, можам да си се изнасмеам во себе и да констатирам дека барањето одговор на ова прашање е трошење време. Како да ве прашам вас зошто го работите она што го работите, зошто сметководител, зошто банкар, зошто железничар… Зошто правиме што и да е во животот? Дали воопшто ни треба причина за да го правиме она што го правиме?
Можам да ви кажам со сигурност дека низ сите овие периоди од мојот живот, желбата за напредок и докажување ми била двигател, желбата да ги откријам и да ги достигнам моите физички граници, да знам за што сум способна, да го видам светот притоа, да научам повеќе од она што може да ми го понуди мојата домашна средина. И подоцна, да трчам и за оние кои не можат, бидејќи работите кои ги имаме, привилегиите во коишто живееме, често, особено кога сме помали, ги земаме здраво за готово, гледајќи во убавините што не сме ги добиле наместо во придобивките што сме ги добиле, со самото тоа што сме се родиле здрави и слободни.
Зошто трчам? Бидејќи не можам да си го замислам животот поинаку.“
„Кралицата ќе издржи“ одговара на многу прашања поврзани со спортот, трчањето и атлетиката, но воедно е многу повеќе од само книга за трчање и тркачи. Книгата е есенцијално четиво за секој кој поминува низ секојдневието од предизвиците на животот, предизвици кои може да бидат конфузни, тешки, но токму тоа се обидува да го воочи и потенцира Кираџиева во своето најново дело – никој од нас не е изолиран случај и сите на свој начин учиме да се соочуваме со предизвиците, сите поминуваме низ тешкотии, но успехот доаѓа со упорност, неоткажување и ИЗДРЖЛИВОСТ. Издржливост која таа ја научила од кралицата на спортовите.
„Кралицата ќе издржи“ е достапна во претпродажба онлајн на agenda.mk, а ќе може да се најде и во избрани книжарници. Од „Кооперација“ најавуваат и официјална промоција која е од отворен карактер и поканети се сите љубители на пишаниот збор на дружба со авторката. Промоцијата е закажана за среда, 22 декември, во „Аудио Култура“ од 19:00 часот.