Стопанската комора на Македонија утре слави 99 години од своето основање и за таа пригода на својата виртуелна прослава покани видни имиња од бизнисот и политиката од Македонија и регионот помеѓу кои и Претседателот Пендаровски, Премиерот Заев, Гувернерката Бежовска, многу министри и бизнисмени но и српскиот претседател Александар Вучиќ, канцеларот Себастијан Курц, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, бившиот премиер на Грција Алексис Ципрас, бившиот претседател на Хрватска Стипе Месиќ, милијардерите Бранко Роглиќ („Орбико“), Миодраг Мишковиќ („Делта холдинг“) и Рифат Хисарчиоглу од Турција.
Специјален гостин на настанот ќе биде и филмската ѕвезда Моника Белучи, бидејќи како што вели првиот човек на комората Г-дин Бранко Азевски “таа исто како нас изгледа преубаво за своите години и сѐ уште привлекува внимание”.
Сите тие ќе бидат дел од специјалната емисија насловена „99 години Стопанска комора на Македонија“, која ќе се емитува на нашите телевизиски куќи, поради една и единствена причина – мерките што се во сила за заштита од актуелната пандемија предизвикана од вирусот корона. Од истите причини, за првпат во својата историја, Стопанската комора на Македонија и традиционалните награди ги додели во компаниите, а не во своето седиште, во куќата на бизнисот, на „Димитрие Чуповски“ бр.13.
Денес, после 99 години од своето постоење, Стопанската комора на Македонија претставува моќна организација, со признато реноме и дома и во регионот. Членките на Комората создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, односно 50,3%; речиси половина од профитот во приватниот сектор, односно 47,6% и секој трет вработен во приватниот сектор е вработен во компанија членка на нашата комора, односно 33,7%.
Во апаратот на Стопанската комора на Македонија има тројца доктори на наука, 15 магистри и повеќе од 10-тина експерти. Но тие бројки се многу поголеми во членките, каде што има повеќе од илјада инженери, правници, економисти, меѓународно признати експерти, академици и луѓе со високи научни титули. Таква концентрација на умствен капитал нема ниту една друга институција. Сето тоа се остварува во услови на коморски плурализам и на доброволно членство. Коморскиот плурализам и доброволното членство се вистински доказ за нашата успешност, која на најпрофесионален начин е во функција на приватниот сектор во нашата држава.
Регионално, Комората во последните години двапати претседаваше со Асоцијацијата на балканските комори (асоцијација на 11 држави на Југоисточна Европа), а денес е успешен предводник на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) со седиште во Трст, кој настана во 2016 година во рамките на Берлинскиот процес на германскиот канцелар Ангела Меркел.
Линк кон текстот објавен по овој повод од Претседателот на Стопанска Комора, Г-дин Бранко Азевски – https://www.mchamber.mk/default.aspx?mid=3&evid=39303&lng=1
Редакцијата на Маркетинг365 го честита роденденот на Стопанска Комора на Македонија и посакува уште многу успешни години постоење за доброто на нашето стопанство и држава!