Wall Street Journal e 19-от издавач кој се вклучува во програмата за публикување Discover на мобилната апликација Snapchat. Карла Занони, уредник одговорен за развој на публиката на весникот, вели дека ова е идеален начин медиумот да го привлече и задржи вниманието на младите читатели, кои потоа може да станат претплатници.
“Како медиум бараме нови платформи на кои ќе ги шириме нашите содржини”, додава Занони. “Корисниците на Snapchat кои имаат чувство за бизнис, се ликовите на нашите идни стории. Тие се читателите кои ќе изградат долгорочна врска со Wall Street Journal”, вели таа.
Бизнис изданието е меѓу медиумите кои користат т.н. paywall – т.е. даваат пристап до своите содржини по плаќање на претплата. Ова, за возврат го прави тешко привлекувањето на читатели од помладата публика. Според аналитичарите партнерството помаѓу компаниите ќе биде корисно за двете страни. Преку него, Wall Street Journal ќе има пристап до над 100 милиони лица од милениумската генерација (лица на возраст помеѓу 18 и 35 години), кои секој ден ја користат мобилната апликација. Snapchat ќе може да привлече посериозна и платежноспособна публика и нови огласувачи.